Наташа Петровиќ е родена во Штип 1988 година каде го има завршено и своето основно и средно образование. Студираше на факлутетот за драмски уметности во Скопје каде и дипломираше на катедрата по актерска игра во класата на проф. Владо Цветановски и проф. Мими Таневска. Паралелно со своите студии во 2010 година стана дел од основачкиот тим на независниот театар за изведувачки уметности – Тheatra каде и во моментов работи.
Досега се има јавено во две улоги во продукција на Theatra, Селимена во претствата ,,Мизантроп‘‘ во режија на Билјана Радиновска и Еликија во „Звукот на коските што се кршат“ во режија на Билјана Радиновска.
Сепак својата професионална кариера Наташа ја има започнато во својот роден град уште пред започнувањето на студиите каде беше дел од неколку професионални претстави, продукт на Штипскиот Национален Театар. Тоа се претставите – „Илинденски Сноевиденија“ во режија на Васил Шумански , „Постела од Кактуси“ во режија на Енчо Халачев, „Тартиф“- режија Владо Цветановски како и неколку детски претстави и поетски читања.
Од 2007 година наваму активно беше вклучена во неколку испитни претстави на факултетот за драмски уметности меѓу кои и испитната претстава „Оркестар Б.Б“ која на студентскиот фестивал ФИСТ во Белград ја освои првата награда од жири и публика. Беше дел и од претставите „Пруга за летната пролет“ и „Брод за Кукли“ во режија на Нела Витошевиќ како и претставата „Животот е сон“ во режија на Владо Цветановски, продукт на МНТ Скопје.
Филмската кариера Наташа ја започна во 2007 година со улогата на Деа во филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски.
Во 2009 година ја доби улогата на Самира,главна женска улога , во првиот долгометражен филм на режисерката Хуанита Вилсон „Како да ме нема“. За актерско остварување во овој филм Наташа беше номинирана за најдобра интернационална актерка на Ирските Телевизиски и Филмски Награди, Интернационалниот Филмски Фестивал во Милано а ги освои наградите Shooting Star во Берлин-Berlin Film Festival 2011 , најдобро актерско остварување во Сиетел- Seattle International Film Festival 2011, најдобро актерско остварување на фестивалот во Британија – End of Pier Film International Film Festival 2011.
Последните два проекта во кои беше вклучена се филмовите „Соба со пијано“ во режија на Игор Иванов-Изи во кој ја толкува главната женска улога, како и филмот „До Балчак“ во режија на Столе Попов чии премиери се очекуваат во 2013година.
IMDB профил: http://www.imdb.com/name/nm3114558/